![Capture](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/11/Capture-12.jpg?resize=624%2C397&ssl=1)
Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, на социјалната мрежа Twitter, наместо на Холандија, се заблагодари на Јемен за ратификацијата на протоколот за членство во НАТО.
Грешката долга повеќе од пет илјади километри, колку што е растојанието меѓу Холандија и Јемен, Жерновски ја избриша неколку часа подоцна.
Тој за Канал 5 ја потврдува грешката и вели дека таа се случила заради слабата светлина во авионот во кој патувал.
-Бев во авион на пат кон Загреб на состанок на високите претставници на земјите наследнички на поранешна СФРЈ и додека пишував, заради слабата светлина, за жал не ги видов добро боите на знамето. Грешки се случуваат и добро е кога ги прифаќаме конструктивно, истовремено поправајќи ги,–Андреј Жерновски – Заменик министер за надворешни работи.
Дел од експертите во земјава предупредуваат дека ова не е прва грешка на државниот врв, и предупредуваат декапотребно е поголемо внимание, а особено за знамиња на странски држави, кои во пропустот можат да видат навреда кон нивната земја.
Изминатиот период имаше низа на пропусти на државниот протокол, а најголемо внимание предизвика погрешното знаме со кое беше пречекан австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој наместо со знамето на неговата држава беше дочекан со знамето на Летонија. Неодамна пак, при првата посета кај Пендаровски на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, знамето беше поставено наопаку, со круната на долу..
Освен со знамињата, протоколот минатиов период направи и грешки околу преводот, како и црвениот тепих при пречекот на тогашниот шеф на Пентагон, Џејмс Матис.