Најдобриот трелец во историјата на шведската репрезентација, Златан Ибрахимовиќ му понуди на поранешниот англиски капитен Дејвид Бекам кладба за денешниот четвртфинален меч на СП во Русија меѓу Шведска и Англија.
Ако Англија победи денеска ќе те честам вечера, каде и да посакаш било каде во светот. Но ако Шведска е подобра, ќе одиме во ИКЕА и ќе ми купиш се што сакам, му понуди Ибрахимовиќ на Бекам на Инстаграм.
Бекам брзо одговори:
Ако Шведска победи јас лично ќе те одведам во ИКЕА и ќе можеш да купиш што сакаш за вашиот нов рај во Лос Анџелес. Но кога ќе победи Англија, сакам да дојдеш на „Вембли“ на натпревар на англиската репрезентација и да носиш дрес на Англија, а на полувреме да јадеш похована риба и печени компири, напишал Бекам.
Еден ден претходно, Ибрахимовиќ, кој игра за „ЛА Галакси“ од март, рече дека Шведска може да ја победи Англија во четвртфиналето и да ја освои титулата светски шампиони.