Нов Зеланд ќе ги укине рестриктивните мерки воведени со цел сузбивање на ширењето на коронавирусот ширум земјата од 21 септември, со исклучок на најголемиот град Окленд, кој е жариште на вториот бран од заразата, рече во понеделникот премиерката Џасинда Ардерн.
Ардерн изјави дека рестрикциите во Окленд ќе бидат разгледани идниот понеделник.
Исто така таа рече дека владата веднаш ќе ги ублажи мерките за физичко дистанцирање во авионите, што претставува олеснување за авиокомпанијата Ер Њу Зеланд, кој со месеци мораше да го ограничува бројот на патници на своите летови.
„Знам дека оваа промена ќе значи вистинска разлика за Ер Њу Зеланд и деловите од земјата кои се надеваат на поголем број посетители“, рече Ардерн на конференцијата за пат во градот Дунедин на Јужниот остров каде престојува во рамките на изборната кампања.
Маските и натаму ќе бидат задолжителни во јавниот превоз, истакна таа.
Се чинеше дека Нов Зеланд кој има пет милиони жители, успешно го запре локално пренесување на ковид-19, но новата појава на вирусот во Окленд во август ја натера владата градот да го стави под карантин.
Премиерката Џасинда Ардерн, која ја очекуваат општи избори на 17 октомври, ги ублажи рестрикциите овој месец, но градот и натаму е на ниво на предупредување 2,5, што подразбира ограничување на собирите на 10 лица.
Владата ќе ги разгледа сегашните правила за Окленд на седница на 21 септември, а ако ситуацијата биде стабилна, ќе го зголеми бројот на дозволени учесници на собирите.
Таа промена, ако дојде до неа, ќе стапи на сила на 23. септември, рече таа.
Нов Зеланд забележа во понеделникот уште еден нов случај на коронавирус, така што вкупниот број на заразени се зголеми на 1.447, а на починати на 24.