Игор Стефановски – Иџе вчера се круниса за европски владетел на ридските трки. Во својата деби сезона стигна до круната и покажа дека Македонија има автомобилист за почит, дека има тим кој за европската елита е недостижен. Иџе победи на седум од десетте одржни трки во шампионатот на ридски патеки и предвреме ја осигура титулата. До трофејот дојде и со многу маки, малери, проблеми со автомобилот, ограничен буџет.
„Ова е големо признание за мене и за Македонија. На трките во Европа веќе не гледаат со поинакви очи и со големо почитување. Важно е дека вложениот труд, напорната работа на целиот тим и вложените финасиски средства резултираа со голем успех. Ние сме мал тим од мала држава, но во очите на европската тркачка елита сме огромни и недостижни. Сѐ уште не сум свесен дека ја освоив титулата. Се надевам дека ја израдував Македонија со еден ваков голем успех“, вели Стефановски.
Но, доминацијата на македонските патеки и трофеите на кружни патеки (2004, 2006 и 2008 година) и неприкосновеноста на ридски патеки од 2005 до 2012 година, сега како шлаг на тортата ја додава круната на Стариот континент.
„Сон и приоритет беше настап на ЕП во ридски патеки, достојна промоција на Македонија на европскиот асфалт. Европскиот шампионат на ридски патеки е највисоко ниво во овој спорт во Европа. Набавивме новото возило кое е најдобро во својата група како главен предуслов да се биде конкурентен на ЕП, а планот е од следната сезона да се вмешаме во битката во генералниот пласман“, најавуваше Игор Стефановски – Иџе пред настапот сезонава на Европскиот шампионат на ридски патеки и во себи сезоната тој успеа да стигне до европската круна.