![ikea](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/01/ikea.jpg?resize=696%2C523&ssl=1)
Шведската компанија ИКЕА денеска објави дека ќе продава фабрики, ќе затвори канцеларии и ќе ја намали работната сила која брои 15.000 вработени во Русија.
Ова е најновиот потег на најголемиот светски бренд за мебел по прекинот на бизнисот во Русија после нападот на Москва врз Украина.
„За жал, околностите не се подобрија и разорната војна продолжува. Компаниите и синџирите на снабдување ширум светот страдаат многу и не гледаме дека е можно да продолжиме да работиме во блиска иднина“, наведува во соопштение Ингка Груп, која ги поседува сите продавници на ИКЕА. во Русија, пренесува Ројтерс.
Ингка Груп, која е и еден од најголемите сопственици на трговски центри во светот, сè уште ги остава отворени своите 14 трговски центри во Русија, наречени „МЕГА“.
Шведскиот продавач на мебел е една од повеќе од 1.000 западни компании кои ги намалија операциите во Русија откако Москва испрати војници во Украина на 24 февруари.
ИКЕА привремено ги затвори продавниците и ги суспендираше испораките во Русија во март, но продолжи да ги плаќа околу 15.000-те вработени и тоа ќе го прави до крајот на август.
Сопственикот на брендот Интер ИКЕА, кој е задолжен и за снабдување, изјави дека ќе почне да бара нови сопственици за своите четири фабрики и дека ќе отпушти персонал, но не даде повеќе детали.
ИКЕА ја отвори својата прва продавница во Русија во 2000 година, каде што сега има 17 продавници и 14 трговски центри.