Шведската корпорација IKEA ќе му исплати 45 милиони долари на американско семејство чие двегодишно дете починало поради несигурно парче мебел кое паднало врз него, пишува весникот USA Today повикувајќи се на адвокатот на семејството.
Двегодишниот Јозеф Дудек од сојузната држава Калифорнија починал во 2017 година, откако врз него паднала фијока од комодата од моделот „Malm“ произведена од IKEA. Малиот Јозеф е осмото дете чијашто смрт се смета дека ја предизвикало споменатото парче мебел од шведскиот производител.
„Во април годинава (Јозеф) ќе полнеше пет години. Никогаш не помислувавме дека двегодишно дете може да направи 30-инчна комода да се преврти и да го задуши. Дури подоцна дознавме дека ова парче мебел е дизајнирано нестабилно и не ги исполнува безбедносните стандарди, како и дека слично се случило и со други мали момченца“, изјавила во понеделникот мајката на загинатото дете, Џолин Дудек.
Од компанијата IKEA ја потврдиле информацијата за исплата на отштетата.
„Иако ниедна спогодба не може да ги измени овие трагични настани, поради коишто сме тука, поради ова семејство и сите инволвирани страни, ни сме задоволни што овој судски процес е решен“, се вели во соопштението на компанијата.
Претходно во 2016 година IKEA исплати 50 милиони долари на три американски семејства, чиишто деца загинаа како резултат на паѓање врз нив на комодите од серијата „Malm“. Медиумите пренесуваа дека во САД биле поднесени 186 тужби за паѓања на споменатото парче мебел, од кои во 91 случај тоа било врз деца. Уште 113 поднесоци пред судовите биле поврзани со комоди од други серии. Комодите „Malm“ престанаа да се продаваат во САД во 2016 година, а вкупно биле продадени 17,3 милиони парчиња од овој мебел, чија цена изнесувала меѓу 70 и 200 долари.
IKEA е најголемиот производите на мебел и предмети за домаќинства во светот и воедно најголемата мрежа за малопродажба на вакви производи. Основана е во Шведска во 1943 година, а според последните официјални податоци од крајот на август 2017 година имала 403 продавници во 49 земји во светот.