Силниот земјотрес со магнитуда 6,4 според Рихтер го погоди северното крајбрежје на американската сојузна држава Калифорнија во вторникот, објави националниот геолошки институт USGS, а истовремено локалните власти и медиумите известуваат за прекин во снабдувањето со електрична енергија и оштетување на најмалку еден мост.
Хипоцентарот на потресот бил на длабочина од 16,1 километар, извести USGS додавајќи дека епицентарот е регистриран на 12 километри кон запад-југозапад од калифорнискиот град Ферндејл.
По потресот немало опасност од појава на цунами, објави американскиот систем за предупредување од цунами.
Градот со околу 15.000 жители, се наоѓа на 420 километри северно од Сан Франциско и 31,54 километри јужно од Еурека. Во Ферндејл и блискиот округ Хамболд, повеќе од 64.000 домови и компании останале без струја во вторникот по локално време, објави веб-страницата Poweroutageus.com.
Независниот оператер со системот во Калифорнија, кој надгледува голем дел од државната електрична мрежа, издаде итно известување за оваа област по земјотресот.
Локалните медиуми известуваат дека патрола на калифорниската патрола за автопатите реагирала за информации за напукнување на мостот кај Ферндејл преку реката Иил.
Според една од објавите на социјалните мрежи, од жител од округот Хамбилд, земјотресот бил „невиден досега“ и тресењето на почвата траело меѓу 15 и 20 секунди.
Керолајн Титус, уредничка и издавач на локалниот весник The Ferndale Enterprise, објави на Twitter снимка од превртен мебел и предмети од домаќинството расфрлани по подот и додава дека се извинува поради „мрачното видео“ затоа што „сѐ уште нема струја“.