Или никој да не работи во недела или да работи за двојно или тројно поголема дневница, порача Мицкоски

-Дали ќе има измени на законското решение за недела – неработен ден, ќе се знае по следната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) на која заедно гласно и јасно ќе разговараме со работодавачите и работниците, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

-Мое лично мислење е дека треба да им биде овозможено во недела да работат на сите оние кои ќе постигнат договор со работодавачите и кои ќе добијат двојно или тројно повисока дневница или, пак, никој да не работи. Или ќе важи за сите или нема да важи за никого. А, политика на двојни стандарди нема да водиме. Дали ќе има законски интервенции и какви ќе бидат, ќе зависи од тоа каков ќе биде резултатот на следниот состанок на ЕСС. За ова прашање веќе сме разговарале со синдикатите и со стопанските комори и не е прашање што сакаме да го наметнеме. Не сме го разговарале во тесен круг, па да носиме одлука и после да не знаеме што да правиме со неа. Нема да направиме ништо на сила, рече Мицкоски во одговор на прашање на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.

Генерално, како што кажа тој, се катализираат две решенија – или никој да не работи или, пак, да може да работи некој ако плати дупла дневница или договори со синдикатите поинакви услови. МИцкоски посочи дека недела и сега е работен ден за одредени професии и за одредени економски оператори. Додаде дека постојат производни процеси за кои е неопходно неделата да биде работен ден поради тоа што не трпат стопирање на процесот.

-Како Влада си го поставуваме прашањето, или никој да не работи, вклучително и тие кои сега работат или, пак, да работат тие што сакаат да работат, но да добијат двојна дневница. Тоа е дилемата која ја имаме како Влада и во неа не гледаме ништо лошо, рече Мицкоски.

Нагласи дека анкетите за мерење на јавното мислење кои се прават три пати месечно покажуваат дека 75 отсто од анкетираните се за тоа недела да биде работен ден за оние кои што сакаат да работат, ако им се плати двојна дневница.

-Ако сакаме да правиме диверзификација на економијата и промена на нашиот економски модел и концепт, во иднина мора да се насочиме кон производни процеси кои не трпат стопирање на процесот. Мораме да размислуваме за пет до десет години од денес, бидејќи се менува и сосема е поинаква реалноста во Европа, посочи Мицкоски.