Ќе протестираме колку и да треба, секој ден – нема попуштање и нема предавање, порачаа илјадниците граѓани, рече Богдан Илиевски пред илјадниците граѓани собрани вообичаено пред зградата на Владата, давајќи поддршка и во четвртокот на 67-от ден од протестите на граѓанската иницијатива За заедничка Македонија, и кои бараат заштита на суверенитетот на државата и категорично бараат нови парламетарни избори.
И денеска, иако по дождливо и ветровито време, повторно многуилјадната поворка го започна својот од по скопските улици истакнувајќи го револтот од прифаќањето на Тиранската платформа, за која сметаат дека е направена во странска држава и има цел да го урне унитарниот карактер на Република Македонија како држава на граѓани, и да ја редефинира во држава на две нации.
„Колку и да треба, секој ден, нема попуштање и нема предавање. Како и секој ден и овој ќе го завршиме пред Собранието по нашата патека, по патеката на државноста, а го започнуваме со македонската химна. И денеска во борба за своите правдини и слободен живот“, истакна Богдан Илиевски од За заедничка Македонија.
Воообичаено насобраните граѓани заедно ја испејаа државната химна и порачаа- дека цврсто се определени за идејата за слободна, независна и суверена Македонија.
„Изборите се најлегитимното решение на оваа политичка криза. Избори, па да видиме кој за што е?! Дали навистина има 700.000 за Тиранска платформа или пак, измамиле 1.200.000 граѓани?“, истакна малку подоцна Илиевски од пред Народната канцеларија на Претседателот.
Рече дека и на 67-от ден од нивните протести го охрабруваат претседателот Ѓорге Иванов да биде доследен, да не попушта, да го чува суверенитетот и унитарноста на Република Македонија.
„Со Тиранска платформа нема гаранции за суверенитетот и унитарноста. Со кршење на Уставот, со газење на сите закони, нема легитимен претседател на Собрание кој треба да е заменик на Иванов“, рече Илиевски.
Според него, Талат Џафери го црпи легитимитетот од евробирократи и амбасадори, а Иванов, пак, својот го црпи од 550.000 граѓани.
„Тој човек има право да одлучува за граѓаните и тој човек не смее да попушти. Претседателе, стоите цврсто на вашата заклетва, додека го правите тоа и ние ќе бидеме со вас“, порача Илиевски.