Илон Маск продаде акции на „Tesla“ за речиси милијарда долари

Челникот на американскиот производител на електрични автомобили „Tesla“, милијардерот Илон Маск, продаде акции на компанијата за 963 милиони долари за да ги покрие даночните обврски откако ги искористил опциите за купување на речиси 2,2 милиона акции, пренесува во петокот агенцијата Bloomberg повикувајќи се на податоци од американската Комисија за хартии од вредност.

Од почетокот на ноември Маск започна да го намалува својот удел во компанијата. Само во последните пет седмици тој продаде акции на „Tesla“ во вредност од приближно 11,8 милијарди долари.

Продажбата на акциите со опција за купување беше најавена во септември со планот за тргување коj им овозможува на шефовите на компаниите однапред да ги најават трансакциите.

Според последното рангирање на најбогатите луѓе на планетата на магазинот Forbes, кое се спроведува во реално време, на 1-ви ноември Илон Макс стана првиот човек чиешто богатство надмина 300 милијарди долари. Во моментов, забележува Bloomberg, неговиот капитал е проценет на вкупно 266 милијарди долари.