Илон Маск стана најбогат човек на светот

Илон Маск стана најбогатиот човек на светот откако неговото богатство надмина 185 милијарди долари. Тој изби на врвот по денешниот нов пораст на вредноста на акциите на „Тесла“.

Со богатството од 188,5 милијарди долари, Маск ја презеде оваа титула од основачот на „Амазон“ Џеф Безос, кој има 1,5 милијарди помалку и беше на чело на листата од 2017. За период од само 12 месеци, богатството на Маск порасна за повеќе од 150 милијарди долари.

Пазарната вредност на „Тесла“ денеска за првпат стигна до 700 милијарди долари, што значи дека вреди повеќе од „Тојота“, „Фолксваген“, „Хјундаи“, „Џенерал моторс“ и „Форд“ заедно.

„Чудно е да се биде најбогатиот човек на светот. А, сега, назад на работа“, напиша Маск на Твитер.

Тој вели дека половина од неговите пари би помогнале да се решат проблеми на Земјата, а со другата половина планира да изгради самоодржлив град на Марс, за да се обезбеди континуитет на животот, во случај Земјата да ја погоди метеор или да почнеме трета светска војна.