Вардар се враќа на предизвиците во Лигата на шампионите во специфичен момент: само што заврши репрезентативната пауза, претходните два меча беа убедливи порази од Кил и од Веспрем, на екипата уште не ѝ легнал новиот тренер, многу играчи се повредени.
Еден од нив е Стојанче Стоилов, капитенот, кој уште нема одиграно натпревар во новата сезона, иако беше во составот неколку пати. Покрај неговата рехабилитација од операцијата во јуни, на екипата ѝ тежат и други повреди, откри пивотот.
„Тешки два натпревара во Лигата на шампионите, тешки порази. Нè очекува натпревар со Брест во недела, имаме доста проблеми со повредени, не се знае кој ќе игра, како ќе игра, наше е да излеземе да се бориме и да пробаме да победа“, изјави Стоилов на денешната прес-конференција.
Тој самиот добро се чувствува и веќе тренира, но тешко дека ќе одигра и против Мешков. Што се однесува до останатите, би требало Атман да настапи, откри новиот тренер, Едуард Кокшаров.
„Атман и Горпишин имаа повреди, денеска ќе добиеме информација дали в недела ќе можат. Се надевам дека барем Атман ќе биде во составот. Столе уште се опоравува од операција. После такво нешто секогаш ви треба некое време да влезете во форма. Столе е подготвен на секој натпревар да влезе во терен и да ѝ помогне на екипата, но има и тука правила. Сигурно дека секој играч сака да игра“, разјасни Кокшаров.
Натпреварот Вардар – Мешков Брест се игра в недела од 17 часот.