
Развојот на настаните во Македонија, интервенцијата на Албанија, САД и ЕУ и сценаријата за голема Албанија и натаму се во фокусот на интерес на грчките медиуми, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.
Весникот „Имерсија“ пишува дека албанскиот премиер Еди Рама не само што ја договoри коалицијата на СДСМ, туку бара и менување на уставот.
Албанија не пропушта можност да интервенира во корист на колегите од Македонија, Косово и други делови од Балканот. Најчесто тоа го прави целосно отворено, предизвикувајќи при тоа реакции кај своите соседи, како што е случајот со Скопје, каде не само што ги повика албанските партии да направат коалиција со СДСМ, туку побара и менување на Уставот на земјата во корист на албанското малцинство, пишува „Имерсија“.
И весникот „Ризопастис“ објавува дека соседна Албанија му помогна на Заев да воспостави соработка со три парламентарни партии на албанското малцинство, а ја состави и „Тиранската платформа“, која што подразбира воведување на албанскиот како втор официјален јазик во земјата, нови национални симболи, кои ќе го изразуваат и албанското малцинство како и да имаат улога во разговорите за името.
Изборот на новиот Претседател на парламентот од страна на партијата на Заев и трите партии на албанското малцинство, изгледа дека беше направено во консултација со западните империјалисти (што се виде од синхронизираната реакција на САД, ЕУ и НАТО ), се вели во текстот на „Ризопастис“.
Весникот додава дека развојот на настаните во Македонија и регионот се должи на конкуренцијата меѓу НАТО и ЕУ од една страна, и Русија и Кина од друга страна, а за контрола на ресурсите, патиштата и енергетските мрежи.
И симболиката на поставувањето на албанските знамиња во кабинетот на Талат Џафери и натаму е тема на коментар на голем број грчки медиуми. Весникот „Етнос“ пишува дека на поставувањето на знамето се противеле не само од ВМРО ДПМНЕ, туку и од СДСМ, како и тоа дека непосредно пред инцидентите во Парламентот, албанските пратеници ја пееле албанската химна, како одговор на интонацијата на македонската од страна на пратениците на ВМРО- ДПМНЕ.
Енергијата на Талат Џафери предизвика реакции не само од ВМРО-ДПМНЕ, туку и од Социјал-Демократскиот Сојуз. Ова ги реафирмираше и аргументите на оние кои што говорат за албанска платформа, напишана од албанските партии во Тирана во кабинетот на премиерот Еди Рама, објавува „Етнос“.
Во анализа на онлајн изданието „Капитал“, се вели дека Талат Џафери беше поставен со интервенција на САД, кои што се противат на одржувањето на нови избори.
Крај на кризата? Не, со оглед на фактот дека Џафери ја презеде функцијата поставувајќи албанско знаме во канцеларијата, додека Заев поради неразбирливи причини отвори фронт на реторичка конфронтација со владата на Србија…, пишува порталот.