Инцидентот со автомобилот во Сарагоса не е терористички напад

Возачот кој во понеделникот со автомобил прегази три лица во предградие на шпанскиот град Сарагоса, во североисточната покраина Арагон, бил под влијание на алкохол и дроги, а полицијата овој инцидент засега не го смета за тетористички напад, објавија шпанските медиуми.

Во 9,20 часот утрото автомобил „BMW X3“ се качил на тротоарот на кој имало повеќе пешаци и повредил три лица. Полицијата потоа го уапсила 25-годишниот возач, шпански државјанин од мароканско потекло, како и неговата 26-годишна сопатничка од кубанско потекло, кои побегнале од местот на настанот, објави локалниот весник Heraldo de Aragón. И двајцата биле позитивни да алкохол и дроги, се дознава од полициски извори.

Полицијата овој настан го смета за сообраќаен прекршок со нанесување повреди, а не за терористички напад, рекол полициски извор за електронското издание на весникот ABC. Истата информација ја пренесува и весникот El Mundo, повикувајќи се на сопствени извори. Цивилната гарда, којашто го истражува инцидентот, не смета дека возачот намерно ги прегазил минувачите, но истрагата уште е во тек. Полицијата засега не издаде официјално соопштение за настанот.

Меѓу повредените се 45-годишен маж, и една постара брачна двојка. Пренесени се во локалната болница, а според изјави на очевидци, биле при свест кога биле транспортирани.

Сведоците, исто така, рекле дека возилото се движело со брзина меѓу 60 и 70 километри на час, а откако ги покосило минувачите протатнело покрај маси и столчиња на блиското кафуле. Таму, за среќа, нема повредени.

Претходно во понеделникот, како што е подоцна прецизирано, во 5,45 часот утрото маж во соседната покраина Каталонија е смртно застрелан кога во полициска станица во предградие на Барселона со нож се обидел да нападне полициски службеници, Овој напад каталонската полиција го карактеризира како тероризам, бидејќи напаѓачот во моментот на атакот извикувал „Алаху акбар“, или „Господ е голем“. Истрагата е во тек, соопшти полицијата.