Индија распоредува разурнувачи во Арапското Море по нападот на бродот поврзан со Израел

Индиската морнарица соопшти доцна во понеделникот дека ќе распореди разурнувачи со наведувани ракети во Арапското Море како потег за „одвраќање“ откако трговски брод поврзан со Израел беше погоден во близина на брегот на Индија.

Индиската морнарица ја истражува природата на нападот врз бродот „MV Chem Pluto“ коијшто се вкотви во Мумбаи во понеделникот, со првичните извештаи кои укажуваат на напад со беспилотно летало, се вели во соопштението. Екипажот на тој брод го сочинуваат 21 Индиец и еден Виетнамец.

„Ќе биде потребна дополнителна форензичка и техничка анализа за да се утврди векторот на нападот, вклучително и видот и количеството на употребените експлозиви“, се додава во соопштението.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи во понеделникот ги нарече „неосновани“ тврдењата на САД дека Иран нападнал брод во близина на Индија. Пентагон во саботата соопшти дека беспилотно летало лансирано од Иран го погодило „MV Chem Pluto“ во Индискиот Океан.

Нападот се случи во периодот кога САД иницираат формирање коалиција којашто ќе се обиде да се спротивстави на слични предизвици во Црвеното Море.

„Со оглед на неодамнешниот бран напади во Арапското Море, индиската морнарица ги распореди разурнувачите со наведувани ракети ‘INS Mormugao’, ‘INS Kochi’ и ‘INS Kolkata’ во различни области за да се одржи одвраќањето“, се вели во соопштението на морнарицата.

Индискката морнарица извести и за заедничка истрага на повеќе агенции за нападот откако нејзиниот тим за експлозивни направи ја заврши својата анализа.