Индиски патнички авион принудно слета во Турција по закана за бомба

Авион на индиската воздухопловна компанија „Vistara Airlines“ со 247 патници принудно слета во петокот во турскиот град Ерзурум на истокот на земјата по анонимна дојава за бомба, јавува турската државна телевизија TRT Haber.

Властите го евакуираа авионот и започнаа потрага по експлозиви, се вели во соопштението.

Авионот летал за Франкфурт од Мумбаи, Индија.

„Летот UK27 од Мумбај до Франкфурт (BOM-FRA) беше пренасочен кон Турција (Аеродром Ерзурум) поради безбедносни причини и безбедно слета во 19:05 часот“, напиша „Vistara Airlines“ на X.

Воздушниот простор на Ерзурум е затворен за летови, изјави гувернерот на Ерзурум, Мусрафа Чифтчи за државната новинска агенција Анадолу, додавајќи дека експертите за отстранување експлозив го пребаруваат авионот.