Индискиот суд одби да ги легализира истополовите бракови, ја препушти одлуката на парламентот

Врховниот суд на Индија во вторникот одби да ги легализира истополовите бракови, оставајќи ја одлуката за ова прашање на парламентот, во согласност со ставот на премиерот Нарендра Моди дека за ова прашање треба да одлучува тоа тело.

Едногласната одлука на пет судии е разочарувачка за големата ЛГБТИ заедница во најнаселената земја во светот, пет години откако судот ја укина забраната за истополови врски од колонијалната ера.

Индиската влада сè уште не ја коментираше пресудата, но националистичката партија на Моди, Бхаратија Џаната, се спротивстави на петициите до судот за ова прашање, нагласувајќи дека истополовите бракови не се „во согласност со индискиот семеен концепт на маж, жена и деца“.

Одлуката на судот дојде како одговор на повеќе од десет претставки поднесени минатата година. Судот заклучи дека тој не може да носи закони, само да ги толкува и воведува. Сите пет судии донесоа посебни пресуди, што ја одразува сложеноста на прашањето.

Главниот судија Д.Ј. Чандрачуд го отфрли тврдењето на владата дека хомосексуалноста е „урбана и елитна“.

Судот го препушти на комисијата предложена од владата за решавање на „човечките прашања“ на истополовите парови.

Се вели дека панелот треба да вклучува експерти со знаење и искуство во решавањето на социјалните, психолошките и емоционалните потреби на луѓето кои припаѓаат на ЛГБТИ заедницата.

Панелот, исто така, треба да размисли да им овозможи на истополовите парови пристап до услуги и бенефиции како што се заеднички банкарски сметки и пензии, кои во моментов им се забранети.