Растот на потрошувачките цени во Велика Британија силно забрзал во јули, достигнувајќи го највисокото ниво од февруари 1982 година дополнително зголемувајќи го притисокот врз домаќинствата, покажуваат официјалните податоци објавени во средата.
Во јули инфлацијата пораснала на 10,1 отсто, од 9,4 отсто во претходниот месец, На месечно ниво растот на цените благо забавил од 0,7 на 0,6 отсто, според сезонски неприлагодените податоци.
Годишната стапка на инфлацијата во малопродажбата во Обединетото Кралство достигната 12,3 отсто, што е највисоко ниво од март 1981 година.
Растот на цените на енергијата во Европа од ланската есен, дополнително засилен со војната во Украина, е главен двигател на инфлацијата и веројатно кон крајот на годината ќе ја турне Велика Британија во долготрајна иако плитка рецесија, прогнозира централната банка Bank of England (BoE).
Домаќинствата во моментов за електрична енергија издвојуваат малку помалку до 2.000 фунти, или 2.421 долар, на годишно ниво, речиси двојно повеќе отколку една година претходно, но во јануари следната година оваа сума би можела да надмине и 4.000 функти, според аналитичарите од „Cornwall Insight“.
Во централната банка, пак, прогнозираат дека инфлацијата ќе го достигне максимумот од 13,3 отсто во октомври, кога ќе пораснат регулираните цени на енергијата за домаќинствата.