Стапката на инфлацијата во зоната на користење на единствената европска валута во штотуку изминатиот месец јуни се зголемила на 8,6 отсто, достигнувајќи го новото највисоко ниво откако европската статистичка агенција Eurostat ги следи податоците, одразувајќи го така скокот на цените на енергијата, но и двоцифрениот раст на цените на свежата храна.
Во мај стапката на инфлацијата во еврозоната мерена со хармонизираниот индекс на потрошувачките цени (HICP) изнесувала 8,1 отсто, а во април 7,4 отсто покажува извештајот од петокот на Eurostat.
Најмногу во јуни пораснале цените на енергијата, и тоа за 41,9 отсто во однос на истиот месец минатата 2021 година, уште посилно отколку во мај кога беа зголемени за 39,1 отсто.
Двоцифрен раст бележеле и цените на свежата храна, коишто во јуни биле повисоки за 11,1 отсто отколку во истиот месец минатата година. Во мај беа зголемени за 9 отсто.
Кога ќе се исклучат цените на храната и енергијата, стапката на инфлацијата во еврозоната во јуни годинава изнесувала 4,6 отсто.
Меѓу земјите од еврозоната најсилен раст на цените бележеле и во јуни балтичките земји, според извештајот на Eurostat. Најмногу пораснале цените во Естонија, за 22 отсто во однос на ланскиот јуни, во Литванија скокнале за 20,5 отсто, а во Латвија за 19 отсто.
Двоцифрена стапка на инфлацијата во јуни забележале и Словачка, Грција, Белгија, Луксембург и Шпанија. Во мај, пак, двоцифрена инфлација беше забележана само во балтичките земји, Словачка и Холандија.