Инфлацијата во Германија значително забрзала во октомври, како одраз на повисоките цени на храната и услугите, покажаа во средата прелиминарните пресметки на заводот за статистика.
Во октомври цените беа за 2 отсто повисоки од истиот месец минатата година, пресметале во Destatis врз основа на податоците од групата сојузни покраини. Во септември беа зголемени за 1,6 отсто.
Месечната споредба покажува пораст на цените во октомври за 0,4 отсто. Во септември тие останаа на нивото од претходниот месец.
Без храната и енергија, годишната стапка на инфлацијата во октомври изнесувала 2,9 отсто, нешто повисока од септември, според пресметките на Destatis.
На крајот од месецот храната поскапела за 2,3 отсто, значително повеќе во однос на претходниот месец. Eнергијата, пак, поевтинила за 5,5 отсто, поблаго од почетокот на есента.
Стоките во октомври поскапеле незначително од истиот месец лани. Пресметките за септември покажаа благ пад на цените. Услугите, пак, поскапеле за 4,0 отсто, нешто посилно отколку на почетокот од првиот месец од есента.
Според хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HIPC), кој се користи за полесна споредба меѓу земјите од ЕУ, цените во најголемата европска економија во октомври биле за 2,4 отсто повисоки отколку во истиот месец минатата година, открија статистичарите. Во септември тие беа повисоки за 1,8 отсто. На месечно ниво се зголемени за 0,4 отсто, по падот од 0,1 отсто во претходниот месец.