Мешовита владина група предводена од министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми денеска одржа средби со претставници од општините Охрид и Струга за спроведување на препораките на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство во охридскиот регион.
Како што соопшти владината прес-служба, на средбите со градоначалниците Константин Георгиевски и Рамиз Мерко и општинските служби се разгледувале работните верзии на Планот за управување со природно и културно наследство и Стратешка оценка на животната средина, два клучни процеса за долгорочна заштита на светското наследство.
На средбите се дебатирало околу критичните зони, режимите на заштита, како и временската рамка за усогласување на Планот и негово финално усвојување.
– Од страна на надворешните експерти кои ја изработуваат Стратешката оценка на животната средина беше порачано целите на Планот да бидат фокусирани кон контролирана урбанизација, зајакнување на управувачките капацитети на надлежните институции, заштита на природното и културното наследство, подигање на свеста и едукација, како и зголемена еколошка функционалност на крајбрежјето, се вели во соопштението.
На работните средби, покрај општините присуствувале претставници од министерствата за култура и за животна средина и просторно планирање, Управата за заштита на културното наследство, Завод и музеј Охрид и Национален парк Галичица. Во наредниот период, експертите од животна средина и култура продолжуваат со изработка на нацрт План за управување, за кој претстои и процес на јавни консултации.