Интер подготвува понуда за Матиќ

Србинот не е задоволен со својот статус во редовите на Манчестер јунајтед, а се верува дека не е во добри односи со Солшер, како причина за тоа се наведува малата минутажа која ја добива.

Интер подготвува понуда до Манчестер јунајтед за искусниот фудбалер од средниот ред, Немања Матиќ, со што би можело да дојде до нова соработка помеѓу Србинот и Антонио Конте, кои обајцата беа заедно во Челси претходно.

31 годишниот Матиќ се верува дека има тензични односи со шефот на стручниот штаб на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солшер, а како причина за тоа се наведува малата минутажа која Србинот ја добива во тимот од „Олд Трафорд“, досега забележа само пет настапи во новата сезона.

Договорот на Матиќ со Премиерлигашот истекува идното лето, меѓутоа постои и опција во договорот за дополнителни 12 месеци, а „ФКИнтерЊуз“ објави дека Матиќ е заинтересиран за идејата за ново искуство во кариерата, односно „Серија А“, тој претходно беше на радарот на сегашниот директор на Интер, Бепе Марота, кога овој беше во Јувентус пред две години.

Во тој период, Матиќ реши да остане во Премиерлигата, па така следеше трансфер од Челси во Манчестер јунајтед за 45 милиони евра, сега работите се променија, па така тој може повторно да соработува со својот поранешен тренер од Челси, Антонио Конте.