Интернетските криминалци ја користат пандемијата на коронавирусот за да ги преместат целите на кибернетичките напади од поединци и мали компании врз големите корпорации, влади и клучната инфраструктура, предупреди во вторникот Интерпол.
Споменатото меѓународно полициско тело објави дека неколку држави пријавиле злонамерни програми (malware), напади врз влади, како и врз болничка и медицинска инфрастуктура, кои веќе имаат проблеми поради здравствената криза предизвикана од коронавирусот.
Полициските истраги покажуваат дека повеќето од кибернетичките напаѓачи доста прецизно ја оценуваат максималната сума којашто може да се бара од нападнатите компании и организации, велат од Интерпол.
„Кибернетичките криминалци ги развиваат и јакнат нападите со алармантна брзина, искористувајќи го стравот и несигурноста кои ги предизвикаа социјалната и економската ситуација создадена од Covid-9“, предупреди генералниот секретар на Интерпол, Јирген Шток.
Организацијата објави дека натамошното зголемување на стапката на кибернетичкиот криминал е „многу веројатно во блиска иднина“, особено поради ранливоста која ја предизвикува работата од дома.
Неточните информации за коронавирусот, исто така, се причина за „растечката загриженост“ во повеќе од 20 отсто од земјите кои одговориле на истражувањето за кибернетичкиот криминал, додаваат од Интерпол.