Со големо внимание го изгледав гостувањето на директорот на УБК на една од домашните телевизии. Морам да признаам дека на одредени моменти, практично се забележуваше пријателскиот и воскитувачки тон со кој водителката пристапи кон ова интервју, безбројните персирања и воодушевувања од величината на гостинот кој го интервјуираше, што само по себе сугерираше дека не само темите за разговор, туку и конкретните прашања биле претходно договорени и добро осмислени.
Толку за новинарката и нејзината професионалност и непристрасност, ајде сега малку да се задржам на тезите на гостинот. Ќе пробам во редовите подолу да направам деконструкција на неговите најважни тези, една по една. Негова констатација, моја анализа, по тој редослед.
1. „73 години ниеден политичар во Македонија не се нафатил да предложи реформа, со цел УБК конечно да има јасен мандат за работа“ – Минатите 73 години, сите што ја воделе УБК се бореле да бидат скриени во МВР, нерегулирани, неконтролирани, без јасен мандат и надлежности. Зошто некој кој над 15 години е висок раководен службеник на УБК никогаш не се обидел да иницира регулација на оваа институција. Каде во законот пишува дека УБК е надлежна да ги следи комуникациите на граѓаните кога мандатот е насочен на заштита на уставниот поредок, заштита од тероризам и шпионажа и посериозни форми на организиран криминал?
2. „Не постојат правилници (подзаконска регулатива) за да се дорегулираат работи кои се нејасни.“ – Што го спречува директорот заедно со министерот за внатрешни работи Спасовски да ја регулираат подзаконската материја? Дали е иницирано и ако е, зошто тоа не е усвоено? Дали всушност на сите им одговара нерегулираноста за да продолжат по старо одново и одново?
3. „Знаевме дека се слушаше, но дел од слушањето беше за државни интереси иако беше незаконско, немаше злоупотреба.“ – Ова е е една од клучните тези кои ја покажуваат вистинската слика за УБК. Нејзиниот директор како раководител за спречување шпионажа во времето на нелегалното прислушување, признава дека и тој илегално слушал за државни интереси, но немало злоупотреба??!!
4. „Врховен Суд различно од УБК ја толкувал Виенската Конвенција за дипломатија.“ – Ова е класичен пример за притисок врз Врховниот Суд со цел доделување наредби секогаш кога УБК смета дека е тоа потребно. Директорот се дрзна да коментира судски одлуки, а не е судски орган. Дали доколку бил незадоволен поднел претставка до Судскиот Совет или на ваков начин со оцрнување на претседателот на Врховен му се одмаздува и му врши притисок?
5. „Некој ќе биде изненаден од резултатите и од излезноста на референдумот…“, затскриена закан и притисок, по кој веднаш потоа се самодемантира дека УБК не прави проценки за излезноста на референдумот. Ова кажува се околу активностите на УБК околу референдумот и притисокот кој го прават, исто како Спасовски кој не можеше да се воздржи да се пофали (а всушност да им стави на знаење и да им се закани) дека ги следат членовите на иницијативата „Бојкотирам“, па потоа мораше да се правда дека бил лошо разбран.
6. Руско влијание има за Спасовски и Николовски, но за Заев нема докази. Прилично дискутабилен беше настапот на директорот на УБК по ова прашање, ако се земе во предвид неодамнешната изјава на премиерот Заев. Можеби Заев не бил брифиран за одредени настани, или пак во својата неумешност при јавни настапи, пак го згреши наративот? Како резултат на побивањето на горенаведените тези, неминовно се поставуваат барем две прашања, а тоа се дали министерот за внатрешни работи и директорот на УБК работат унисоно кон уништување на било каква опозиција за референдумот, па дури и воопшто за било каква опозиција на СДСМ, и второ, зошто намерно и смислено се кочат или успоруваат реформите на безбедносно-разузнавачката заедница во Република Македонија, и покрај прецизно нотираните забелешки од страна на експертската група на Прибе?
Автор: Александар Нацев за НетПрес