Над 200 милиони евра изнесуваат странските инвестиции од јануари до октомври, објави Народната банка. Ланската, може да се нарече година на инвестициски бум, каде голем број компании одлучија да вложат и покрај кризата. Најмногу инвестираа од автомобилскиот сектор, пренесе Сител.
Втор погон отвори Џонсон Мети, инвестираше 60 милиони евра, а се отворија 600 работни места, Дрекселмаер во Кавадарци вработи 4.800 лица, Џонсон Контрол 1.400, Ван Хул над 380. Кронберт и Шубер во индустриската зона во Битола инвестираа 20 милиони евра, а вработија 3000 лица.
Во Демир Хисар се отвори фабрика за балетанки. Инвестираа 6 милиони евра, а вработија 300 лица. Со градба почна и Текнохозе. Нивната инвестиција се проценува на 11 милиони евра, а бројот на ново отворени работни места ќе изнесува 150.
2014 ќе биде поуспешна на инвестициски план. Премиерот најави дека најмалку 20 нови компании ќе вложат кај нас, а оние кои официјално ги објавија своите инвестициски планови се турски Истем Медикал која планира 250 вработувања.
Продис ќе гради нов погон и ќе вработи дополнителни 150, Кумал од Хрватска ќе отвори 50 работни места, германски Маркарт во Велес ќе инвестира 35 милиони евра и ќе вработи 500 лица.
Нов откупен центар за јаболка во Ресен ќе гради Епл Ленд од Дубаи, а нивната инвестиција ќе донесе нови 100 вработувања. Од најавените инвестиции, оваа година се очекува да се отворат најмнаку 1.000 работни места.