ИО на СДСМ одлучи да продолжат преговорите со Алијансата на Албанците за влез во Владата

(Интегрален текст од изјавата на Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ)

Извршниот одбор на СДСМ на денешната седница разговараше за повеќе актуелни прашања, за економските политики на Владата, претседавањето со ОБСЕ, текот на скрининг процесот со ЕУ можноста за проширување на владиното парламентарно мнозинство.

Окрупнување на владиното мнозинство, што значи приклучување на нов политички субјект – Алијанса за Албанците, покрај постојните политички партнери.

Претседателот на партијата, Димитар Ковачевски, информираше за разговорите со претседателот на Алијанса околу програмскиот дел на можната соработка.

Заедничка оценка е дека Алијанса го поддржува концептот за европска Македонија, а со тоа и директно да придонесат кон остварувањето на стратешките, национални и државни интереси за спроведување на реформите и сите потребни чекори за членство во ЕУ преку директно учество.

Извршниот одбор едногласно одлучи, партијата да ги продолжи разговорите со Алијанса врз основа на политички и програмски принципи.

За понатамошните разговори со Алијанса, ИО на СДСМ одреди Работна група во која покрај претседателот ќе учествуваат и: Миле Зечевиќ – генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски – член на Централниот одбор и Јован Митрески – координатор на ПГ на СДСМ.

Нашата одговорност пред граѓаните е да ја обезбедуваме иднината на државата, економскиот стандард, подобар живот за сегашните и идните генерации.

Оттука, соработката со Алијанса ќе биде додадена вредност за граѓаните и државата, особено во однос на:

Унапредување на владеењето на правото и борбата против корупцијата,

Забрзан економски развој и напредок на државата.

Зголемување на ефикасноста на Собранието со цел побрзо носење на одлуки за подобрување на животниот стандард на граѓаните, справување со енергетската и економската криза, реформските закони од ЕУ агендата.

Поголема поддршка на стратешкото партнерство со САД и унапредување на добрососедските односи.

Зголемување на парламентарното мнозинство. Чекор напред за проширување на сојузот за поддршка на членството во ЕУ со сите реформи, чекори и потребни одлуки.

Јасна диференцијација од двете политички партии во Собранието кои се против ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ и Левица.

Кадровско зајакнување и освежување.

Стабилност неопходна во клучен период во однос на глобалните случувања.

Можност за соработка на локално ниво во општините и советите со цел унапредување на квалитетот на живот на граѓаните.

На сите наши граѓани, и на Македонците им треба визијата за 2030 година, членство во ЕУ, подобар живот и добросостојба, еднакви со граѓаните на земјите членки на ЕУ.