
Ирачката воена команда призна дека во текот на ноќта употребила прекумерна сила за време на судирот со демонстрантите во шиитскиот округ Садр Сити во Багдад.
Според полициски и медицински извори, во судирите загинале 13 лица.
– Имаше прекумерна употреба на сила што ги надмина правилата за ангажирање и ние почнавме да бараме од припадниците на безбедносните сили кои ги направиле тие грешки да одговараат за тоа, се наведува во соопштение на воената команда.
Премиерот Адел Абдел Махди, кој е и врховен командант на војската, денеска нареди повлекување на војската од Садр Сити и распоредување на полицијата на нејзино место. Таа област е место каде често има насилства, илегална трговија и пристапот до таму е отежнат за безбедносните сили.
Махди исто така ги повика безбедносните сили целосно да се придржуваат кон правилата на однесување, имајќи ја предвид заштитата на демонстрантите и управувањето со немирите.
Ирачкото Министерство за внатрешни работи вчера соопшти дека 104 лица, меѓу кои и осум припадници на безбедносните сили, се убиени од почетокот на антивладините протести во Ирак во вторникот. Околу 6.000 луѓе се повредени во Багдад и во неколку градови на југот на земјата.