Ирачкиот сојузен суд во неделата привремено ја суспендираше кандидатурата на поранешниот министер за надворешни работи Хошијар Зебари за претседател, поради истрагата по обвинувањата против него за наводна корупција од 2016 година, известуваат локалните медиуми само ден пред парламентот да го избере новиот претседател.
Зебари е еден од 25-те кандидати и имаше големи шанси за победа на изборите за претседател, пред повторно да се појават обвинувањата против него за корупција.
Станува збор за истакнат курдски политичар кој повеќе од десет години ја извршуваше должноста ирачки министер за надворешни работи. Кога паралментот во 2016 година го смени поради наводна корупција, беше на должноста министер за финансии. Зебари постојано го отфрлаше обвинувањата.
Минатата седмица четворица пратеници пред сојузниот суд поднесоа петиција барајќи Зебари да биде исклучен од трката за претседателската должност, и ги повторија обвинувањата за финансиска и административна корупција во 2016 година.
Судот во одлуката напишал дека „решил да ја суспендира постапката за изборот на Зебари на местото претседател на државата, додека случајот не биде решен“.
Зебари не бил достапен за коментар по барање на Reuters, а претходно изјавуваше дека обвинувањата против него се политички мотивирани.
Двајца пратеници, под услов да останат анонимни, за агенцијата изјавиле дека поради суспендирањето на кандидатурата на Зебари, би можело да биде одложено утрешното гласање.
Гласањето е закажано четори месеци откако на парламентарните избори победи движењето на влијателниот шиитски клерик Моктада ал-Садр, кое освои 73 од вкуно 329-те мандати во парламентот, станувајќи најголемата парламентарна фракција. Новиот претседател на Ирак им обврска формирањето на владата да ја довери на најголемата пратеничка група.