Секое еднострано дејствување на Соединетите држави на ирачка територија, вклучително и оние акции насочени против Иран, е опасно, изјавил во средата членот на Советот на претставниците на Ирак (парламентот), Саркаут Шамсулдин.
„Навистина тоа е опасно, кога тие (САД) би преземале еднострани дејствија, па и доколку е против Иран, но на ирачка територија. Тоа негативно ќе влијае на наштите односи и ќе ја дестабилизира ситуацијата во Ирак, а тоа воопшто не е во интерес на Соединетите држави“, вели ирачкиот пратеник Шамсулдин во разговор за агенцијата РИА.
Додава дека неопходно е Вашингтон да дискутира со Багдад пред да преземе каква и да е акција.
На прашањето што може да се направи за да се ублажи сегашната тензична ситуација, ирачкиот пратеник одговара дека САД би можеле и натаму да го изземаат Ирак од против-иранските санкции. Шамсулдин истакнува дека иако тензиите меѓу Техеран и Вашингтон не влијаеле досега врз Ирак, каде што најмалку 66 отсто од населението се шиитски муслимани кои доминираат во Иран, ситуацијата може да биде променета.
„Сметам дека доколку Ормутскиот теснец биде затворен, Ирак ќе биде првата земја којашто најмногу ќе го почувствува последиците од тоа. Целата наша економија се потпира на нафтата и на Ормутскиот теснец… Се надеваме дека ситуацијата ќе биде надмината на мирен начин, бидејќи во спротивно ние многу ќе страдаме“, истакнува Шамсулдин.
Ормутскиот теснец и преминот Баб ал-Мандаб се клучни стратешки локации, бидејќи овозможуваат влегување од океанот во Персискиот залив и во Црвеното Море. Секојдневно речиси четири милиони барели сирова нафта минуваат низ Баб ал-Мандаб.
Ирачкиот парламентарец, исто така, истакнува дека иако не се водат формални разговори меѓу Ирак и САД по ова прашања, некои ирачки функционери „се обидуваат да сторат нешто за да го извлечат Ирак од конфликтот меѓу овие две земји“.
Ситуацијата во Персискиот залив значително се влоши последните неколку месеци, откако од средината на јуни во Оманскиот залив имаше неколку инциденти со нафтени танкери, за што САД го обвинуваат Иран кој негира секаква вмешаност. Потоа следеше нов ицидент кога иранските сили објавија дека собориле американско беспилотно летало во нивниот воздушен простор, а американскиот претседател Доналд Трамп во последен момент ги отповикал водушните удари врз ирански цели како одмазда за тоа.
Иранската револуционерна гарда (IRGC) запленила странски танкер со 700.000 литри нафта и седум членови на екипажот, извести во неделата иранската државна телевизија наведувајќи дека со него била криумчарена нафра за арапски држави. Официјален Багдад потоа објави дека запленетиот танкер немал поврзаност со ирачката држава. Минатиот месец Иран заплени британски танкер во Ормутскиот теснец, обвинувајќи го за нарушување на поморските прописи, откако претходно британските командоси запленија ирнаски супертанкер кај Гибралтар под сомнение дека превезувал нафта во полза на Сирија која е под санкции.