![iracki kurdistan](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/08/iracki-kurdistan.jpg?resize=640%2C363&ssl=1)
Референдумот за независност на Ирачки Курдистан ќе се одржи на 25 септември, без разлика на апелите од САД за одложување на датумот за неговото спроведување, изјави висок претставник на ирачките Курди во саботата.
Претходно американскиот државен секретар Рекс Тилерсон во телефонски разговор со претседателот на автономната покраина Ирачки Курдистан, Масуд Барзани, поикал да биде одложен курдскиот референдум за независност.
„Датумот останува непроменет, 25 септември годинава“, изјавил за агенцијата Reuters курдскиот политичар Хошјар Зебари.
Властите на Ирачки Курдистан од поодамна го одредија датумот 25 септември како ден на кој ќе се одржи референдум за отцепување од Ирак.
Ваквиот чекор на Курдите го критикуваше централната ирачка влада во Багдад, како и нејзините сојузници Техеран и Вашингтон. Анкара, која има блиски односи со ирачките Курди, стравува дека тоа може да предизвика слична реакција и во соседната Сирија каде што курдската заедница е блиска со курдските бунтовници во Турција, додека Москва оцени дека станува збор за легитимни аспирации на Курдите но кои треба да се спроведат мирно и во согласност со меѓународното право.