Ирак се подготвува за судење на околу 900 свои државјани кои неодамна се вратени од Сирија поради припадност на радикалната сунитска организација Исламска држава, за што во Ирак им се заканува смртна казна, соопштиле во неделата судски извори.
„Антитерористичкиот суд прими документи за приближно 900 ирачки припадници на Исламската држава кои дошле од Сирија и започнуваме да ги одредуваме роковите за нивните процеси“, рекол неименуван извор за агенцијата AFP.
Станува збор за џихадистички борци кои биле заробени од силите на сириските Курди и последните месеци им биле предадени на ирачките единици, во текот на офанзивата во близина на ирачката граница. Ирачаните беа главно во командните структури на Исламската држава, кои ги водеше Абу Бакр ал-Багдади, и самиот Ирачанец, која го доживеа врвот во летото 2014 година кога заземаа третина од Ирак и големи области од Сирија на кои го прогласија својот калифат.
Ирачките судови досега веќе осудија илјадници домашни и странски државјани на смртни казни или на доживотен затвор. Многу од активистите за човекови права предупредуја на „експедитивните“ судења и можната тортура во текот на испитувањата во Ирак. Во текот на 2018 година откако Исламската држава беше поразена во Ирак, ирачките судови досудиле најмалку 271 смрта казна, или четири пати повеќе отколку во 2017 година, наведува организацијата Amnesty International.