Иранскиот претседател Хасан Рохани денеска го претстави предлог-буџетот од 4700 трилиони риали во Парламентот. Тој изјави дека американските санкции ќе влијаат на животот на Иранците и економскиот раст, но нема да ја паднат Владата на колена, пренесоа светските агенции.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече САД од нуклеарниот договор со Иран во мај и повторно наложи санкции за Иран, вклучувајќи ја и нафтената индустрија.
Целта на Америка е да се стави на колена иранскиот исламски систем. Тоа нема да успее, но санкциите несомнено ќе влијаат на животите на луѓето, развојот на земјата и економскиот раст, изјави Рохан пред пратениците.
Неговиот говор беше пренесуван директно на државната телевизија. Според него нацрт-буџетот за следната година, која според иранскиот календар започнува на 21 март 2019 година, ќе биде во износ од 4.700 трилиони риали, односно околу 47 милијарди долари.
Рохани рече дека државните службеници ќе добијат 20% зголемување на платите. Буџетот вклучува субвенции од 14 милијарди американски долари за поевтинување на основните потреби, како што се храна и лекови.
Официјални лица изјавија дека буџетот е насочен кон задоволување на основните потреби на луѓето со низок доход, вклучувајќи ги државните службеници и пензионерите, како и за поддршка на производството, вработеноста и за рестартирање на илјадници државни проекти, кои со помош на приватни инвеститори, треба да бидат извлечени од ќор-сокакот во кој се наоѓаат.