Дневниот број смртни исходи како последици од компликациите предизвикани од заразата со новиот коронавирус во неделата во Иран достигнал рекордни 434 починати, објави министерството за здравство, а шефот на главното здравствено тело за контрола предупреди дека вистинските бројки се барем трипати повисоки од официјалните.
Со неделниот број на починатите, досегашниот број смртни исходи кои се сметаат како резултат на епидемијата на коронавирусот во Иран, најпогодената земја во пандемијата на Блискиот истори, изнесува 35.298 соопшти портпаролката на иранското министерство за здравство Сима Садат Лари, додавајќи дека и бројот на потврдените случаи на заразата со коронавирусот се зголемил за 7.719 и сега изнесува вкупно 620.491 случај.
Шефот на иранскиот Медицински совет, Мохамадреза Зафарганди, изјави дека се сомнева во точноста на официјалните податоци и предупредува дека Иран достигнал „катастрофална стапка на смртност“, објави во неделата службената студентска новинска агенција ISNA.
„Службената бројка на починатите се темели само на бројката регистрирани пациенти. Врз основа на податоците од теренот, од болниците и од градските гробишта, нашиот Совет заклучува дека бројот на починатите е трипати поголем од официјалниот“, рекол Зафарганди за ISNA.
Медицинскиот совет е тело надвор од владата и дејствува како своевидна невладина организација, но е одговорна за издавање на лекарските лиценци во цел Иран.
„Илјадници наши здравствени работници се заразени со вирусот, а според статистичките податоци со коишто ние располагаме починале 300 од нив“, рекол Зафарганди.
Извештајот на Истражувачкиот центар на парламентот на Иран од април упатува на тоа дека тогаш бројот на заразените и починатите од коронавирусот бил речиси двојно поголем отколку што тогаш соопштило министерството за здравство.
За да се запре ширењето на третиот бран на вирусот во земјата, иранската влада ги затвори училиштата, џамиите, продавниците и рестораните во поголемиот дел од земјата. Иранскиот претседател Хасан Роухани во саботата најави дека новите рестриктивни мерки на сила ќе стапат од среда во 25 од 31 иранска покраина, а ќе траат десет дена.