Иран продолжува со кршењето на нуклеарниот договор, се заканува со збогатување ураниум над 20 отсто

Иран во саботата порача дека може да ги зголеми збогатувањето на ураниумот над нивото од 20 отсто и ги пушти во погон подобрените центрифуги со што продолжува со суспендирањето на своите обврски од нуклеарниот договор склучен со шесте светски сили во 2015 година, како одговор на истапувањето на САД од него во мај минатата 2018 година и повторното воведување санкции против Техеран.

„Почнавме со укинувањето на ограничувањата на нашите истражувања и развојот кои ни беа наметнати со договорот. Тоа ќе значи развој на поврзи и подобри центрифуги“, вели портпаролот на иранската нуклеарна агенција (AEOI), Бехруз Камалванди.

Со договорот од 2015 година беше ограничен развојот на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите, но неговото одржување се проблематизираше откако САД се повлекоа од него и вршат притисок врз иранскиот извоз на нафта кој е најголемиот извор на средства за земјата. Иран од мај годинава почна со суспендирањето на своите обврски од договорот како одговор на новите американски санкции и бара од европските потписнички на договорот, Франција, Велика Британија и Германија, да дејствуваат за намалување на економскиот протисок од САД.

Со договорот се ограничува збогатувањето на ураниумот на 3,67 отсто, што е погодно за цивилно производство на енергијат и далеку под прагот од 90 нотсто за производство на нуклеарно оружје. Нуклеарените инспектори на ОН известија во мај дека Иран збогатил ураниум на 4,5 отсто.

Камалванди вели дека Техеран сега може да го надмине нивото од 20 отсто, што е значителен скок и ниво од кое лесно може да се дојде до критичното ниво од 90 отсто, но вели дека „во моментов за тоа нема потреба“. „Европските страни мора да знаат дека не остана уште многу време. Доколку треба да се преземат некои акции да се спаси договорот, потребно е тоа да се стори брзо“, додава портпаролот на иранската агенција за атомска енергија.