Ајатолахот Али Хамнеи, врховниот лидер на Иран, прогласи петдневна жалост по убиството на Хасан Насрала, лидерот на Хезболах.
Тој рече дека крвта на Насралах „нема да остане неодмаздена“.
Палестинското исламистичко движење „Хамас“ соопшти дека го оплакува Насрала и дека „атентатот само ќе го зајакне отпорот кон Израел“.
„Злосторствата и атентатите на (израелската) окупација само ќе ја зголемат одлучноста и упорноста на отпорот во Палестина и Либан да ги продолжи со сета своја сила, храброст и гордост чекорите на мачениците и да го следи патот на отпорот до победа и отфрлање на окупацијата“, порача Хамас во соопштение.
Хамас денеска нападот на седиштето на Хезболах во Бејрут го нарече „кукавички терористички акт“ и најостро ја осуди „варварската ционистичка агресија и нападот врз станбените згради“.
И јеменското движење Хути денеска изрази жалење за смртта на водачот на Хезболах.
„Отпорот нема да биде скршен, а џихадистичкиот дух на браќата муџахедини во Либан и на сите фронтови на поддршка ќе биде посилен и поголем“, соопшти движењето.
Министерот за одбрана на Израел, Израел Кац, изјави дека убиството на лидерот на Хезболах Хасан Насрала е „една од најоправданите антитерористички акции што Израел некогаш ги презел“.
Тој рече дека Насрала „го посветил својот живот на уништување на Израел“ и водел повеќе од 30 години „терористичка активност против Израел“.
Насрала „заслужи да биде симнат, и добро е што беше“, рече министерот и додаде: „Ќе продолжиме да ја чуваме безбедноста на Израел“.