Иранскиот министер за внатрешни работи Ахмад Вахиди рече дека безбедносните власти „брзо и силно“ ќе одговорат на двојните бомбашки напади во кои загинаа повеќе од 100 луѓе во средата.
Вахиди рече дека повеќето од жртвите во југоисточниот град Керман биле убиени во вториот бомбашки напад.
„Нашите полициски сили се во состојба на готовност и ќе ги изведат пред лицето на правдата оние кои го извршиле ова кривично дело“, изјави министерот за државната телевизија.
На четвртата годишнина од смртта на влијателниот ирански генерал Касем Солејмани, во терористичкиот напад загинаа најмалку 103 лица, а околу 141 беа повредени во експлозии во неговиот роден град Керман.
Маси луѓе се собраа на улиците на Керман, на околу 800 километри југоисточно од главниот град Техеран, за да го посетат гробот на Солејмани за да ја одбележат годишнината од неговата смрт.
Врховниот командант на Револуционерната гарда Касем Сулејмани, убиен на денешен ден во 2020 година во американски напад со беспилотно летало на аеродромот во ирачката престолнина Багдад. Сулејмани, командант на елитните ирански сили Кудс, беше планер на иранските воени операции на Блискиот исток што беше причина за негова ликвидација од страна на САД.
Според информациите во иранските медиуми, неколку плински канистри експлодирале на патот што води до гробиштата во две последователни сихронизирани експлозии. Ова е најсмртоносниот напад во 45-годишната историја на Исламската Република.
Засега никој отворено не шпекулира кои би можеле да бидат извршители на нападот. За ваквите терористички напади официјален Техеран ги обвинува западните и израелските разузнавачки служби кои ги поттикнуваат и вооружуваат бунтовничките групации на сунитското малцинство, како што се Курдите, во доминантно шиитскиот Иран, како и ултрарадикалните џихадистички сунитски групации Исламска држава и Ал Каеда.