Кинескиот претседател Кси Џинпинг ќе му биде домаќин на иранскиот колега по должност Ебрахим Раиси кој пристигнува во тридневна посета на Кина, известија во вторникот тамошните медиуми.
Раиси ќе допатува во Пекинг на покана на Кси во периодот кога нивните две држави се соочуваат со зголемените тензии со САД по низа глобални прашања. И Иран и Кина, имено, во долгорочните стратегии на Вашингтон се посочени како најголеми закани по американската национална безбедност и сходно на тоа се изложени на различни активности од страна на САД.
Раиси во пресрет на својата посета на Пекинг објави текст за кинескиот државен весник на англиски јазик People’s Daily во кој порача дека двете земји веруваат дека „унилатерализмот и насилните мерки како што се наметнувањето неправедни санкции се главната причина за несигурноста“ во светот.
Иранскиот претседател во текстот ја опишува Кина како „стар пријател“ и вели дека напорите на Техеран да ги зајакне билатералните односи нема да влијаат врз регионалните и меѓународните околности.
Се очекува дека двете влади во текот на посетата ќе потпишат низа документи за потесна соработка, пренесува иранската државна новинска агенција IRNA.
Кси и Раиси во текот на нивната последна средба, ланскиот септември во узбекистанскиот Самарканд на маргините од самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС – SCO), ветија градење посилни врски меѓу двете земји.