Од 2-ри мај годинава, кога САД не ја продолжија привремената дозвола за осумте земји да увезуваат иранска нафта, Иран продолжува со извозот на јаглеводородни сировини користејќи повеќе танкери отколку што дотогаш се знаеше, пишува во саботата The New York Times, кој од посочениот датум до 2-ри август следел повеќе од 70 ирански нафтени танкери кои го испорачувале енергенсот во Кина и редица други земји заобиколувајќи ги американските санкции.
САД минатата година еднострано се повлекоа од нуклеарниот договор кој во 2015 година Иран го склучи со шесте светски сили и воведоа повторни санкции против Техеран, вклучутелно и ткн секундарни, односно кои се однесуваат на трети земји кои одржуваат трговија со Иран. Истовремено, Вашингтон направи исклучок за Кина, Индија, Италија, Грција, Јапонија, Јужна Кореја, Тајван и Турција до 2-ри мај годинава овозможи да се снабдуваат со иранска нафта. Исклучокот не беше продолжен по споменатиот датум, во американските обиди кои сакаат да го сведат „на нула“ иранскиот извоз на нафта.
Весникот The New York Times го следел движењето на повеќе од 70 ирански танкери по 2-ри мај, кога американските санкции стапија на сила во целиот обем, а Стејт департментот со казнени мерки им се закани на сите држави кои нема да ги почитуваат санкциите. Според истражувањето на весникот, 12 од овие танкери транспортирале и испорачуваче нафта во земјите од Азија и Медитеранот. Шест од нив го испорачале својот товар во пристаништа во Кина, а другите превезувале нафта преку Суецкиот канал, најверојатно во Сирија или Турција. Досега беше познато само за неколку вакви танкери. Во написто, исто така, се забележува дека сите земји каде што било испорачувана нафтата, ризикуваат да попаднат под санкциите на САД.
Според весникот, продолжените постојани испораки на иранска нафта докажуваат дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се судира со тешкотии во своите настојувања да го сведе „на нула“ иранскиот извоз на нафта. NYT цитира мислења на аналитичари, кои забележуваат дека испораките на нафта за кои пишува весникот, го надминува обемот кој беше забележан пред крајот на изземањето на овие земји од санкциите.
„Не треба да се заканувате, доколку не можете да ги исполните тие закани“, го цитира NYT поранешниот функционер на Белата куќа и Стејт департментот, Ричард Нефју.
Во написот на NYT се потенција дека ваквата иранска активност сугерира и на ниско ниво на влијание на американските санкции врз иранската економија, вклучително и забраната за набавка на нафта од Иран. Весникот, исто така, истакнува дека купувањето и транспортот на иранска нафта или сродните производи не се нелегални трансакции од аспект на меѓународната заедница и другите земји, бидејќи санкциите на Вашингтон се еднострани. Сепак, весникот посочува дека странките компании кои ги нарушуваат американските санкции кои работат со САД може да бидат подложени на економски притисок.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео на 22-ри јули соопшти дека Вашингтон вовел санкции против компании од Кина поради купување иранска нафта. Според податоците на американското министерство за финансии, кое е одговорно за спроведувањето на санкциите, казнените мерки се воведени за компанијата „Zhuhai Zhenrong Company“ и нејзиниот извршен директор. Истовремено, портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Хуа Линин, на овие објави одговори дека соработката на Кина со Иран во сферата на енергетиката е апсолутно легална.