Во пет ирански покраина уапсени се лица кои се сомничат дека се поврзани со бранот труења на ученички и студентки, објави во вторникот новинската агенција Fars.
Засега не се достапни подетални информации ниту заднината на осомничените, известува агенцијата наведувајќи ја изјавата на заменикот министер за внатрешни работи, Маџид Мирахмади.
Иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи во понеделникот повика на строго казнување на одговорните за труењата коишто ги нарече „злосторства за кои нема простување“.
Првите случаи на мистериозното труење, кога се случуваа речиси исклучиво во женските училишта, се пријавени ланскиот ноември. Првиот потврден случај беше во светиот град Ком, јужно од иранската престолнина Техеран, кога беа затруена 18 девојчиња.
Иранската влада верува дека ученичките се намерно труени. Лекарите сугерираат дека причината за труењето би можела да биде некој вид отровен гас. Родителите и роднините се огорчени и гневни и ја обвинуваат владата дека не ги заштитила нивните деца.
Повеќе од 5.000 деца, главно женски, во 230 ирански училишта во 25 покраини биле цел на мистериозните труења, според членот на парламентарната комисија за истрага на масовните труења во училиштата, Мохамад Хасан Асфари.
„Според доставениот извештај, за жал, труења имало во голем број ирански училишта… Статистиката, од првиот регистриран случај до оваа недела укажува дека повеќе од 5.000 ученици, девојчиња и момчиња, биле жртви на труење… Девојчињата се најмногу застапени во оваа бројка, а кај момчињата показателот е низок“, го цитира Афари агенцијата ISNA.
Минатиот вторник, по неколку месеци, иранските власти првпат се огласија за причината за инцидентите. Парламентарци сметаа дека станува збор за труење со азот, а потоа медиумите објавија дека причината за труење во едно од училиштата е гас кој бил распрскан со бибер-спреј. Истрагата од друго училиште, пак, покажала дека таму учениците се затруле со гасови кои истекувале од цистерна со петрохемиски продукти во близина на училишниот двор.
Во понеделникот тврдолинијашкиот конзервативен претседател Ибрахим Раиси формираше работна група за испитување на случаите со масовно труење. Во истрагата се вклучени повеќе безбедносни агенции и органи, како и министерството за здравство.
Иранскиот државен обвинител Мохамад Џафар Монтазери и заменик министерот за здравство Јунес Панахи за медиумите оценија дека серијата труења би можеле да бидат целена акција организирана од „надворешни сили“.
Членови на иранскиот парламент труењата на ученичките ги поврзуваат со до неодамнешните масовни протести во земјата коишто избувнаа во септември 2022 година кои избувнаа по смртта на младата 21-годишна Курдка Махса Амини, приведена од милицијата за заштита на моралот поради непочитување на прописот за покривање на косата. Демонстрантите во чии акции ширум земјата загинаа неколку стотици цивили и стотина припадници на безбедносните сили, обвинуваа дека подлегнала на удари во притворот на милицијата, а властите тврдеа дека починала поради претходно заболувања. Официјален Техеран го обвини западните и израелските тајни служби за координација на протестите за што повеќе десетици лица се осудени на смрт.