Националното истражување кое респективниот американски Меѓународен републикански институт (ИРИ) го спроведе во Македонија во фокусот ги имаше локалните избори. Се мереше расположението кај гласачите за локалните власти. Добија многу лоши оценки кои ќе се обидат да ги поправат до октомври. Практично на локално ниво целата власт е речиси стопроцентно распределена меѓу СДСМ и ДУИ, пишува „Скопско ехо“.
Но, во тоа обемно истражување има и други важни податоци кои не се само голи цифри, проценти, ниту сувопарна статистика. Од нив треба да се градат националните, но и локалните и партиските политики.
Во истражувањето има две важни прашања кои се поврзани со употребата на јазиците. Првото е: „Кој јазик го користите на ниво потребно да можете да учите или да работите“?
Дури 89 проценти од испитаниците рекле дека тоа е македонскиот јазик, потоа со 28 проценти е албанскиот, идентични проценти се изјасниле за српскиот/хрватскиот/бошњачкиот. Високо котира и англискиот јазик – дури 23 проценти рекле дека на тој јазик можат да се школуваат или да работат. Потоа следуваат турскиот – 7, германскиот – 6 и ромскиот со 3 проценти додаваат од неделникот.
Анкетата е правена врз репрезентативен примерок на национално ниво од повеќе од 1.200 испитаници. Македонци биле 69 проценти, а Албанци 26.
Одговорите на второто прашање веројатно ќе ги изненади политичките елити.
Прашањето е: „Дали сите државјани, без разлика на етничкото потекло, треба добро да го говорат македонскиот јазик како официјален државен јазик“?
Според последното мерење на расположението на граѓаните 86 проценти одговориле потврдно, а само 9 отсто рекле „не“, додека 5 проценти немаат мислење.
После ваквите одговори нормално е да се постави прашањето – кој и зошто ја форсира двојазичноста? Зошто се форсира таков двојазичен концепт кој наместо да ги поврзува граѓаните (етникумите) само прави јазови и етнички поделби? И ќе ги анализираат ли овие бројки политичките елити, или ќе замижат пред нив?-објави Скопско ехо.