Доколку денес би се одржал референдум на прашањето дали би поддржале приклучување на земјата во ЕУ, 68 отсто од граѓаните на Македонија би одговориле потврдно, покажува анкетата на јавното мислење на Меѓународниот републикански институт – ИРИ, спроведена во земјите од Западен Балкан во периодот од 2 февруари до 5 март.
И во Босна и Херцеговина 68 отсто од граѓаните се за членство на земјата во ЕУ, додека таа поддршка е најсилна во Албанија со 92 проценти. Во Србија на таков референдум, според анкетата, 40 отсто од граѓаните би дале позитивен одговор.
„Постои силна желба низ Балканот за зајакнување на врските со западните економии и за приклучување кон ЕУ. Оваа широка поддршка покажува дека луѓето од целиот регион веруваат дека понатамошната интеграција во Европската Унија може да помогне за постигнување одржлив просперитет“, рече Пол Мекарти, директор за Европа во ИРИ.
Според ова, мултинационално истражување за Западен Балкан од страна на ИРИ, „силно мнозинство“ во пет од шесте држави каде е спроведoа анкетата, ја смета руската војна против Украина за неоправдана. Во Србија, пак, повеќето од 49 отсто целосно или донекаде ја оправдуваат Русија.
„Иако овие бројки се претежно позитивни, српските одговори се вознемирувачки. Доколку мирот и безбедноста се долгорочни цели на Балканот, подобра опција за Србија ќе биде да ги отфрли руските предлози и да изгради посилни врски со Западот“, рече Мекарти.
Всушност, кај приоритетите на граѓаните за владите на Западен Балкан доминираат економските прашања. Освен Албанија, каде што невработеноста беше главен проблем, високите цени и трошоците на живот претставуваат најголема грижа за граѓаните во другите пет земји од Западен Балкан. Покрај тоа, во сите шест земји, корупцијата се појави како еден од првите три приоритетни проблеми.