Исчезна новинар што го истражувал убиството на Ивановиќ

Српската полиција распиша потерница по новинарот Стефан Цветковиќ откако било пронајдено неговото напуштено возило.

Во полициската станица во Бела Црква ноќеска е пријавено за паркирано возило марка „поло“, на кое била отворена вратата и вклучени светлата, соопшти МВР на Србија.

До автомобилот бил пронајден рачен часовник со скината нараквица, а мобилните телефони на Цветковиќ биле исклучени. За случајот е известено Обвинителството и полицијата по него интензивно трага, јавуваат српски медиуми.

Цветковиќ работеше на извештаи за убиството на косовскиот политичар Оливер Ивановиќ и во мај оваа година беше задржан на преминот Јариње и спроведен до полициска станица поради информативен разговор.
Во февруари во Белград одржа прес конференција под наслов „Колку чини ликвидација на север на Косово“, и покажа фотографии од лица кои биле наводно, вмешани во ликвидација на Ивановиќ и изнесе тврдења дека атентатот бил платен 40.000 евра.