Исчезнатото девојченце Данка усмртена во сообраќајна несреќа и фрлена на дива депонија

Со веста за нејзината смрт во сообраќајна несреќа во четвртокот заврши десетдневната меѓународна потрага по двегодишното девојче Данка Илиќ од областа на рударскиот град Бор, чие исчезнување беше пријавено во вторникот на 26-ти март.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на вонредна седница на владата објави дека е усмртена и дека се уапсени две лица, а медиумите повикувајќи се на полициски извори, објавија дека девојката била усмртена од автомобил од двајца вработени во локално комунално претпријатие, а потоа телото го фрлиле во депонија недалеку од Бор.

„Имаме лоши вести… Убиена е Данка Илиќ. Полицијата уапси две лица кои го извршиле  убиството“, изјави Вучиќ.

Во меѓувреме, српските медиуми, повикувајќи се на неофицијални полициски извори, објавија дека се уапсени вработени во јавното комунално претпријатие „Водовод“ од Бор, осомничени за нејзината смрт.

Криминалистичката полициска истрага на Плициската управа Бор укажува дека на 26-ти март во 13 часот и 52 минути, само седум минути по исчезнувањето на девојчето, според пријавата на мајката, двајцата осомничени со службено возило „фијат пунто“ налетале на девојчето на патот, ја усмртиле, а потоа нејзиното тело го ставиле во багажникот и го оставиле телото во дива депонија кај Бор, објавија медиумите.

Уапсените кои го признале делото, се ставени во полициски притвор до 48 часа.