Палестинскиот лидер Исмаил Ханија е избран во саботата за претседател на политичкото крило на палестинското исламистичко движење Хамас коешто е на власт во палестинската енклава Појасот Газа, објави движењето преку своите медиуми.
Шурата, советот на движењето Хамас, го избрала за претседател на политичкото крило 54-годишниот Исмаил Ханија коа на функцијата го заменува Халед Мешал, кому му истече вториот мандат, колку што најмногу предвидува статутот на движењето.
Противкандидати на Ханија му биле Муса Абу Марзук и Мохамед Назал. Членовите на Шурата гласале преку видео врска, во Појасот Газ и надвор од палестинските територии. Портпаролот на Хамас во Доха, каде што во егзил живее Халед Мешал го потврдил за AFP изборот на Ханија.
Исмаил Ханија, инаку, во периодот од 2006 до 2014 година беше премиер на Палестинската самоуправа.
Информацијата за новото водство на Хамас доаѓа само неколку дена откако движењето првпат во својата историја објави дека ја менува својата политичка програма и оти во прв ред се согласува со прогласувањето палестинска држава во границите од 1967 година, односно по војната меѓу Израел и арапските држави.
Коментаторите оценуваат дека Хамас, кој е на листите на терористички организации на западните земји и меѓународните организации, сака со измената на својата основачка повелбата, која се смета за антисемитска, да се врати во меѓународните мировни преговори.