Исплатата на паричните права од социјална и детска заштита за месец јуни ќе почне од денес, 3 јули, за корисниците со дебитна картичка, а од понеделник, 6 јули, за корисниците кои средствата ги подигнуваат во експозитурите и филијалите на банките.
Министерството за труд и социјална политика ги известува корисниците на права на парична помош од социјална и детска заштита дека и овој месец ќе изврши етапна исплатата на гарантирана минимална помош, надоместок заради попреченост, надоместок за помош и нега од друго лице, надоместок на плата за скратено работно време, додаток за домување и на траен надоместок.
Исплатата ќе се спроведе во 3 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето:
– 6 јули (понеделник) – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ;
– 7 јули (вторник) – И, Ј, К, Л, Љ, М, Н, Њ, О;
– 8 јули (среда) –П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.
Корисниците кои имаат дебитна картичка поврзана со трансакциската сметка на која се исплаќаат правата од социјална и детска заштита, ќе можат паричните средства да ги подигнат на банкоматите на банките, да ги користат за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство, од денеска, петок, 3 јули.
Етапната исплата на паричните права од социјална и детска заштита се прави со цел да се избегне метежот пред банките и да се овозможи поголема заштита на корисниците на овие права во услови на опасност од вирусот КОВИД-19.
Министерството за труд и социјална политика потсетува на обврската за носење лична заштита заради спречување на ширење на коронавирусот. Сите кои ќе подигнуваат пари од банкомати или од филијалите и експозитурите на банките, се должни да носат заштитна маска што ги покрива носот и устата и да одржуваат физичко растојание од два метра.