Бројот на смртните случаи предизвикани од истекување на отровен гас во пристаништето Акаба на југот на Јордан се зголеми на 13, објави во вторникот националната телевизија.
Истекувањето се случило откако резервоар наполнет со хлор паднал во текот на транспортот, објави државната новинска агенција Petra, повикувајќи се на портпаролот на Управата за јавна безбедност.
Снимката објавена на Twitter страницата на државната телевизија прикажува резервоар кој паѓа од кран и удира на палуба на брод.
Најмалку 250 лица се повредени или отруени во инцидентот. Според сознанијата на телевизијата, 185 луѓе се хоспитализирани.
Јорданскиот премиер Бишр ал-Касавнех го посети местото на несреќата и изјави дека стручњаците областа ја прогласиле за безбедна, како и дека не постои опасност од натамошно ширење на хлорот.
На снимките на социјалните мрежи се гледа облак од жолт гас како излегува од резервоар и луѓе како бегаат.