Рокот за јавниот повик на Град Скопје за приватни автобуски превозници на линиите со број 20 и 22 истекува денеска во 12 часот. Од Град Скопје за МИА велат дека резултатите ќе бидат соопштени откако ќе истече рокот, како и по неколку дополнителни денови поради чекање на евентуални пријави по пошта.
Повикот беше објавен пред еден месец и на него, како што информираше Град Скопје, немаат можност да конкурираат превозниците од „Слобода Превоз” и „Макекспрес”, поради прекршување на одредбите од претходниот договор од нивна страна. Неможноста за јавување на нов конкурс трае една година од денот на раскинување на претходниот договор.
Во меѓувреме, приватните превозници чекаат на средба со Владата, од каде, пак, велат дека сè уште нема никакви новости, односно остануваат на изјавата од минатиот месец на премиерот Димитар Ковачевски, дека состанок со нив ќе има, но откако ќе ги добијат податоците од УJP за „параметрите за кои имаше јавна дискусија меѓу превозниците, ЈСП „Скопје” и Град Скопје”.
За потсетување, приватните превозници од „Слобода превоз” и „Макекспрес” започнаа со протести во главниот град на 28 ноември, кога со околу 30 автобуси ја блокираа крстосницата на булеварите „Гоце Делчев” и „Крсте Петков Мисирков” кај ТЦ „Мавровка”, со барање да им бидат исплатени заостанати долгови од страна на ЈСП за да почнат повторно со работа.