Полското државно обвинителство во градот Остролека, северно од Варшава, почна истрага за колење и дистрибуција на болни говеда во локална кланица, по телевизиски извештај на новинар кој се вработил таму.
Откако бил известен за случајот, европскиот комесар за здравје и прехранбена безбедност Витенис Андриукаитис, најави инспекција во кланицата и ги повика полските власти да обезбедат почитување на европските прописи од таа област, затоа што Полска е голем извозник на месо во Европа.
- Новинар од телевизијата ТВН 24 поминал три недели во кланица во Калиново, стотина километри североисточно од Варшава, каде снимил, а потоа и објавил вознемирувачки снимки од говеда, видно болни кои со јаже околу вратот ги тегнат во кланицата, стиснати во камион, а потоа и трупови на куп и парчиња месо, очигледно несоодветно за пласирање на пазарот, пренесува Ал Џезира Балканс.
Внимателно го следам случајот и побарав од инспекторот во мојот тим веќе в понеделник да замине за Полска и да направи проценка на состојбата на терен, наведува Андриукаитис во соопштение. Тој истакнува дека е најважно да се влезе во трагата на сите добавувачи на месо од таа кланица и негово повлекување од пазарот.
Комесарот ги повика земјите членки кои би можеле да бидат поврзани со случајот, брзо да дејствуваат, а од полските власти побара што е можно побрзо да ги завршат своите истраги и да донесат неопходни мерки за да гарантираат почитување на европските прописи и да ги санкционираат извршителите на тие „криминални дела“ кои се опасни за јавното здравје.
Словачките власти вчера соопштија дека откриле најмалку три шлепери со говедско месо увезено од соседна Полска за кое претпоставуваат дека би можела да доаѓа од кланицата во Калиново.