Италија го укина правилото за вакцинација против Ковид за здравствените работници, ги заострува казните против рејв забавите

Новата Влада на Италија го укина условот за вакцинација против коронавирус за здравствените работници во болниците и домовите за стари лица.

Од утре, околу 4.000 здравствени работници кои не биле вакцинирани против коронавирусот ќе можат повторно да работат, објасни премиерката Џорџа Мелони на денешната прес-конференција во Рим.

Мерката на претходната влада на чело со Марио Драги ќе важеше до крајот на годинава.

Како што пренесе ДПА, здравствениот персонал мора да продолжи да носи маски.

Официјален Рим, исто така, ги заостри казните за сузбивање на нелегалните рејв забави. Оние кои организираат такви забави и окупираат згради или земјиште без дозвола, можат да добијат затворска казна до шест години наместо претходните две.

Организирање собири на повеќе од 50 луѓе кои претставуваат закана за јавниот ред, интегритет или здравје може да резултира со казни од 1.000 до 10.000 евра.

Викендов во Модена, северна Италија, илегално беше организирана техно забава со неколку илјади учесници. Полицијата денеска ја расчисти забавата која траеше неколку дена. На почетокот на мирната акција за евакуација, некои рејвери првично се забарикадирале внатре затоа што сакале да продолжат со забавата. Забавата за Ноќта на вештерките, на која на моменти имало повеќе од 3.500 гости одеднаш, според организаторите требало да трае до утре.

Нелегалната рејв забава предизвика неодобрување кај новата десничарска влада во Рим во текот на викендот, што доведе до тоа министерот за внатрешни работи Матео Пјантедоси да и нареди на полицијата да интервенира.

– Многу сум задоволна од јасниот сигнал што е испратен овде, рече Мелони.

Лидерот на екстремно десничарската партија Лига и актуелен министер за транспорт, Матео Салвини, исто така, ја поздрави акцијата за растурање на забавата и на Твитер напиша: „Забавата заврши“.

Ова беа првите одлуки што ги донесоа министрите во новата десничарска Влада на Италија.

Донесени се и дополнителни одлуки во однос на судството. За разлика од претходните правила, затворениците со доживотни затворски казни сега може да добијат помали казни дури и ако не соработуваат со судството.

За возврат, пак, повеќе не смеат да имаат никакви врски со организираниот криминал.

Оваа одлука е усогласена со препораката на Уставниот суд на Италија.

Владата, исто така, го одложи стапувањето во сила на судската реформа направена од Кабинетот на Драги, во која беа вклучени средства од ЕУ за закрепнување по пандемијата.

Рим мора да ја воведе реформата до крајот на годината за да ги запази роковите за пристап до средства.