Италија размислува за нови стимулирања за купување автомобили кои ќе ги земат предвид емисиите на јаглерод во процесот на производство и дистрибуција, велат информирани извори, додавајќи дека мерките треба да ги заштитат италијанските компании од евтината кинеска конкуренција.
Стимулациите би можеле да ги одвратат Италијанците да купуваат електрични автомобили произведени во Кина и популарни во Европа благодарение на пониските цени и ќе го следат францускиот модел. Рим останува на ставот дека француската стимулативна рамка е „разумна“ и размислува за таква опција, изјавил во понеделникот за Reuters еден од изворите. Италија е заинтересирана за францускиот пристап, потврдил друг извор.
Критериумите за доделување стимулации обично се засноваат на емисиите на возилата, а Франција планира да доделува поени врз основа на количеството на енергија што се користи во производството на нивните материјали, склопувањето и транспортот до пазарот, како и видот на батериите.
Правилата за конкуренција на ЕУ не дозволуваат предност за домашните производители, но француските критериуми веројатно ќе ги дисквалификуваат кинеските автомобили од програмата за поттикнување, бидејќи кинеската индустрија главно користи електрична енергија од електрани на јаглен и ги испорачува автомобилите со бродови.
Париз тврди дека критериумите се во согласност со правилата на Светската трговска организација (СТО – WTO), за кои велат дека дозволуваат исклучоци од здравствени и еколошки причини.
Рим сака да подготви широк, долгорочен план за домашната автомобилска индустрија во договор со релевантните компании, вклучувајќи го и производителот на „Fiat“ – „Stellantis“, за да го врати производството на некогашните милиони возила годишно. Разговорите вклучуваат и нови стимулации и се очекува да траат до крајот на годината.
Министерот за индустрија Адолфо Урсо во септември изјави дека Италијанците искористиле 80 отсто од стимулациите за купување возила од странско производство и дека промената во рамката за поттикнување треба да го поддржи преминот кон позелени возила и домашно производство на автомобили.